3 месеци дружење со Xiaomi MiBand

MiBand

Поминале 3 месеци од кога решив да напишам пост за MiBand фитнес тракерот, а како пред една недела да беше. :)

Како и да е, благодарение на подолгиот период успеав да го „научам“ тракерот детално и да откријам нови работи поврзани со него.

MiBand

НАДОПОЛНЕТО: Тракерот го нарачав од Aliexpress по цена од околу 1000 денари што е многу поевтино од цената по која се продава тука, а исто така е и многу поевтин од останатите слични фитнес тракери како Fitbit Flex ($100), Jawbone UP24 ($130), Garmin vívosmart ($170), Runtastic Orbit (120€).

MiBand е составен од гумена алка и самиот тракер. На тракерот има 3 LED сијалички, преку кои може да се следи дневниот напредок. Ако свети 1 сијаличка значи дека е постигната 1/3 од дневната цел. Кога ќе се постигне целта тракерот вибрира и на него светат сите 3 сијалички.

MiBand

Целта се одредува при подесување на профилот на корисникот кој што го носи тракерот. Мене моментално ми е поставена на 8000 чекори дневно.

Моменталниот дневен напредок може да се провери со едноставно подигање на раката кон лицето, како кога сакаме да видиме колку е часот.

Тракерот има IP67 сертификат, што значи дека е отпорен на прашина и вода до 1 метар, но сепак не се препорачува туширање со него бидејќи пареата и високата температура можат да му наштетат.

MiBand

За да се поврзе тракерот со телефонот потребна е апликацијата Mi Fit (Android) (iOS), преку која може да се следат дневните активности. Поврзувањето е преку Bluetooth и троши многу малку батерија.

Батерија

MiBand

Првите 2 пати батеријата издржа 22 дена. Последниот пат издржа многу повеќе и тоа 38 дена. Траењето на батеријата не е проблем, туку проблем може да биде нестандардниот полнач, доколку во моментот кога ќе ви затреба не е со вас.

MiBand

Мерења

MiBand тракерот ги мери следните активности:

  • чекори
  • трчање
  • растојание
  • калории
  • стомачни
  • скокови со јаже
  • спиење

Во апликацијата постојано се додаваат и нови активности по барање на корисниците.

Недостасува:

  • екран
  • мерач на пулс
  • GPS

MiBand

Според мене мерењата се околу 90% точни, а колку што успеав да видам на Интернет и останатите фитнес тракери се тука негде.

MiBand

Покрај фитнес активности, тракерот мери и спиење, поточно време и квалитет на спиење, колку пати си се разбудил во текот на ноќта, а за наутро има паметно будење со тивок аларм кој вибрира на раката. Паметното будење се активира посебно, со што му се дава 30 минути простор во кој може да те разбуди според начинот на спиењето таа ноќ.

Добро е што модот за спиење се уклучува автоматски и за разлика од другите тракери не треба рачно да се уклучува секоја вечер.

MiBand

Известувања *

Апликацијата за тракерот што ја користам, покрај извесувањата за дојдовен повик од телефонот и постигнатата зададена цел, има и поддршка за нотификации. Иста е како официјалната апликација, но во неа има додадено известувања за добиените нотификации од телефонот.

MiBand

* Официјалната апликација за тракерот не нуди поддршка за нотификации.

Нотификациите функционираат супер. Во апликацијата се подесува од кои апликации да стигаат нотификации, во каква боја да свети тракерот и колку пати да вибрира. Известувањата стигаат дури и телефонот да е во една соба, а тракерот во друга.

За известувањата да функционираат како што треба, Bluetooth-от на телефонот треба да е уклучен цело време.

За фитнес активностите не е потребно Bluetooth-от да е уклучен постојано, освен во моментот кога сакаме да го синхронизираме со телефонот. Тракерот ги запишува активностите во него дури и до неколку недели.

Отклучување на телефонот

Доколку телефонот е заклучен со PIN или Pattern може да се подеси да се отклучува автоматски во близина на тракерот со помош на Bluetooth unlock.

MiBand

Од пред некое време е достапна и iOS апликација. Но бидејќи е iOS, нормално, дел од мерењата и опциите не се достапни :) но сепак си функционира супер.

MiBand

Остави коментар